Од денес граѓаните имаат можност да се информираат за јавниот долг преку новата алатка за транспарентност javendolg.open.finance.gov.mk, која ја изработи Министерството за финансии со поддршка на ИРИ и УСАИД. На страната детаљно се прикажани долгот, неговото движење по години, раздолжувањата, повлекувањата за 2020 и како ќе се финансира.
Министерката за финансии, Нина Ангеловска, на јавната презентација на платформата посочи дека преку целосна фискална транспарентност граѓаните ќе може да ги препознаат непотполните и лажни вести кои се злоупотребуваат за политичко поентирање.
Силно се залагам за фискална транспарентност и едукација на даночните обврзници, граѓаните за јавните финансии, клучните буџетски документи, што сметам дека е особено важно за млади демократии како нас. Без разлика на економското познавање на граѓаните, податоците се прикажани и систематизирани на едноставен и разбирлив начин сè со цел да бидат јасни за широката публика. Со ваквото лесно разбирливо претставување на податоците за јавниот долг, убедени сме дека ќе придонесеме кон намалување на заблудите што постојат во однос на задолжувањето, нивото и одржливоста на јавниот долг, а воедно ќе придонесеме и кон финансиска едукација на широката јавностн, рече министрката Ангеловска.
Платформата се состои од пет дела: јавниот долг и компонентите од кои се состои, движењето на долгот по години, финансирањето на јавниот долг во 2020, издавањето хартии од вредност и едукативен дел.
На страницата се достапни податоци за средствата што ќе се повлекуваат на домашниот и странскиот пазар во текот на 2020 година, но и дека треба дома и во странство да се отплатат стари долгови во износ од над 700 милиони евра.
Во насока на зголемување на фискалната транспарентност, на платформата се објавуваат податоци, кои претходно не биле објавени, како долгот на јавните претпријатија за секое одделно, како и очекуваното задолжување, раздолжување на претпријатијата во 2020 година.
Исто така, детално се објаснети инструментите за финансирање на долгот – државните хартии од вредност и еврообврзниците.
Платформата е достапна на македонски, англиски и на албански јазик, таа ќе се ажурира на месечно и тримесечно ниво во согласност со објавата на разни категории податоци. Инаку, ова е трета алатка за транспарентност пуштена од страна на Министерството за финансии во последната половина година по „Отворени финансии“ и „Реализација на капитални расходи по буџетски корисници“.