Економија 10. декември 2020. / 11:52

Ангеловска Бежоска: Порелаксираните финансиски услови да се искористат за финансирање иновативни проекти

Ангеловска Бежоска: Порелаксираните финансиски услови да се искористат за финансирање иновативни проекти

Периодот од почетокот на пандемијата е првата криза на која што иницијалниот одговор на Народната банка е со олабавување на монетарната политика, вели гувернерката на централната банка Анита Ангеловска-Бежоска и нагласува дека тоа беше можно поради девизните резерви.

„Просторот за водење ваква монетарна политика е овозможен со конфорното ниво на девизните резерви, отсуството на нерамнотежи и малите и ограничени ефекти врз процесот на евроизација, односно врз довербата на субјектите. Заедно со регулаторната флексибилност на Народната банка, ваквата политика придонесе за натамошно намалување на цената на кредитите и за забрзување на кредитната активност, што обезбедува поддршка на економијата. Всушност, каматните стапки на кредитите во нашата економија се едни од најниските во регионот, додека динамиката на кредитен раст е над просечната во регионални рамки”, истакнала Ангеловска-Бежоска во своето излагање на годинешното издание на конференцијата „Ерсте инвесторс брекфаст”.

Во однос на наредниот период, гувернерката укажа дека слично како и во глобални рамки, монетарната политика ќе остане релаксирана, притоа секако водејќи сметка за одржување на стабилноста на девизниот курс, ценовната и финансиската стабилност.