Граѓаните кои се исклучeни од системот за парно греење повеќе нема да плаќаат надоместок. Како што дознава Дојче веле ова е предвидено во новите предлог-правила за снабдување со топлинска енергија, за кои денеска треба да се дискутира на подготвителна седница на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ).
Со новите Правила за снабдување со топлинска енергија се укинува одредбата во членот 52, став 2, од старите Правила за снабдување со топлинска енергија, според која „исклучените потрошувачи се задолжуваат со плаќање на надоместокот за ангажирана моќност (фиксен дел) од надоместокот за топлинска енергија, кој се определува согласно тарифниот систем за топлинска енергија“.
Со новите Правила овој став комплетно се брише, а се воведува постапка на кој начин во иднина би можеле да се исклучуваат потрошувачите од системот за топлинска енергија.
Владата уште во декември 2017 година вети дека домаќинствата во Скопје кои се исклучени од централното греење во 2018 година ќе бидат ослободени од плаќање, но тоа не се реализираше. Во меѓувреме се чекаше регулаторите од РКЕ да ја добијат Студијата од МАНУ, која во изминатиот период правеше анализи какво е влијанието на исклучените врз системот за парно греење.