Додека светот секојдневно брои колку работници добиле отказ за време на корона кризата, македонските бројки застанаа во мај. Агенцијата за вработување не ги објавува официјални податоци колку нови лица се пријавиле како невработени во јуни и јули поради отказ од работа.
Последните лиферувани информации ги имаат заклучно со мај иако на почетокот на август веќе требаше да бидат објавени и бројките за јули. Директорката Билјана Јовановска е на одмор, и никој не знае кога податоците ќе бидат достапни за јавноста. Според она што е официјално на сајтот од март до мај, бројот на невработени во земјава се зголемил за нови 15.371 лица.
Бизнисот веќе алармираше дека се спремаат нови откази, доколку итно не се формира Влада и не се донесе нов сет мерки за помош на компаниите. Стравуваат дека економските последици од Ковид 19 допрва следат.