Економија 04. јуни 2018. / 21:14

33,4 милиони долари ќе инвестира Светската банка во изградба на градинки низ земјата

33,4 милиони долари ќе инвестира Светската банка во изградба на градинки низ земјата

Со пари од светска банка општините ќе градат нови градинки. Министерот за финансии Драган Тевдовски денеска откри дека на почетокот на следниот месец владата ќе почне преговори со банката, која имала интерес да го финансира овој проект. Експерти од светска банка веќе ги оценуваат можностите на проектот во министерството за труд.

„Светската банка има интерес да го финансира овој проект и подобрување на социјалните услови. Очекуваме на почетокот на јули да се почнат преговори со банката за одобрување на сретства од бордот во септември, а до крајот на годината да се потпише договорот и ќе се овозможи со тие сретства општините да добиваат грант сретства за изградба на градинките.“ – изјави Драган Тевдовски – министер за финансии.

Тевдовски вети дека вработените во градинките од септември ќе земаат пет проценти повисоки плати. Заедно со министерката за труд, Мила Царовска, тој денеска ја отвори првата градинка во руралната општина Чашка. Главната цел е за 50 проценти да се зголеми опфатот на деца во предучилишна возраст, вели Царовска. Градоначалникот на оваа општина Чашка смета дека една градинка е премалку за регионот кој го раководи.

„Се надеваме дека со поддршката во наредниот период ќе сео творат и повеќе градинки во селата Горно и Долно Јаболчиште и размислуваме во селото Извор.“ – изјави Горан Стојановски – градоначалник на општина Чашка.

Новата градинка во Чашка има капацитет за 50 деца, а во моментов во неа се згрижени 27 деца.