
Во својата најопшта смисла, терминот „мека сила“ ја претставува способноста на една држава да оствари влијание и/или да насочува и манипулира одредени настани без употреба на кинетичка сила или друг вид на присила (економски блокади, санкции или субверзивни дејства), со цел да постигне одредени политички исходи и објективи.
Една од главните алатки на современата примена на „мека сила“ е граѓанското општество и невладините организации кои ја имаат главната улога во формирањето и функционирањето на ова граѓанско општество. Со финансиска помош од некои од најмоќните и најбогатите луѓе во светот или најмоќните светски институции или држави, овие невладини организации ја користат маската на промоција на демократија и унапредување на човекови права, со цел да ја исполнат однапред поставената агенда на своите основачи и финансиери. Притоа, најголемиот дел од овие организации се многу чувствителни околу нивното поврзување со одредени политички партии од било кој спектар, и постојано инсистираат на својата неутралност, професионалност и објективност.
Сепак, и покрај постојаното инсистирање на овие организации дека тие придонесуваат за позитивна промена во општеството и дека служат како коректив на власта, во голем број случаи се потврдило токму спротивното, односно дека овие невладини организации, кои се финансираат со средства од надвор од државата во која ја остваруваат својата дејност, претставуваат агенти за остварување на странско влијание и се користат како алатки за спроведување „мека сила“, и притоа претставуваат дестабилизатор на општеството и пробуваат да го моделираат според своите замисли и/или добиени насоки. Воопшто не претставува грешка доколку се тврди дека неколку држави, меѓу кои САД, Русија, Кина, Унгарија, Индија и други, конечно препознаа дека со цел да ја задржат својата политичка и општествена стабилност и суверенитет, мораат да бидат во можност да воспостават контрола врз сферата на граѓанско општество. Ова е од многу големо значење и претставува добар пример за останатите држави, кои исто така мораат навреме да ја препознаат својата улога во глобалната и во регионалната геополитичка слика, и да изградат капацитети за да се заштитат од дестабилизаторските и пристрасни активности на некои делови од граѓанското општество.