Анализи 11. јуни 2018. / 12:43

„Малолетници“ во потрага по азил

„Малолетници“ во потрага по азил
Александар Нацев

Последниве неколку години, со интензивирањето на бегалската криза, се појави еден феномен кој на почетокот не беше третиран сериозно, но како одминува времето привлекува се поголемо внимание во европската јавност. Имено, забележани се огромен број на случаи кога бегалци кои се претставуваат како деца (малолетници) и бараат азил во одредена европска држава, при што нивниот физички изглед не кореспондира со возраста која ја наведуваат. За појаснување, доколку лицата баратели на азил се малолетни, поголеми се шансите за добивање на дозвола за престој и се намалуваат шансите за нивна депортација назад во нивните земји. Конвенцијата за правата на децата на Обединетите Нации уредува дека децата бегалци не смеат да бидат вратени/депортирани во нивните земји доколку таму нема кој да се грижи за нив. Користејќи го ова, овие лица бараат начини и по секоја цена сакаат да останат во европските држави, кадешто имаат право на школување, сместување, одредена финансиска помош и здравствена заштита. 

Според изјавите на вработени во неколку различни прифатни центри за бегалци во Шведска, забележително е дека голем број од лицата кои се сместени во овие прифатни центри лажат за својата вистинска возраст, со цел да добијат подобар третман (отколку што би добиле доколку се полнолетни) и да не бидат депортирани. Ова беше една од причините заради која од почетокот на 2018 година, Шведска воведе тестови за утврдување на возраста, кои ги врши Националната агенција за форензичка медицина, а вклучуваат стоматолошка проверка и испитување на зглобовите на колената. Овие тестови се дизајнирани со цел да ја направат процената на возраста на лицата при процесот за добивање азил многу попрецизна, бидејќи процената на возраст „од око“, заради недостаток на лични документи на бегалците, која ја правеа претходно припадниците на Агенцијата за миграција во голем број на случаи се покажала како некредибилна. Според извештаите на Агенција за форензичка медицина, од добиените 4 200 барања од Агенцијата за миграција за утврдување на возраста на лица, досега се завршени 581 проверки. Тест резултатите за 442 лица покажале дека лицето е постаро од 18 години. Ваквиот резултат значи дека 3 од 4 лица кои се претставуваат како малолетни и бараат азил, всушност лажеле за својата вистинска возраст.  

Ситуацијата е многу слична и со „малолетните“ бегалци и во Велика Британија. Скоро 2/3 од лицата кои се пријавиле како малолетни, всушност се постари од 18 години. Извештајот, кој е подготвен од страна на лица кои ја проучуваат миграцијата во Британија, окрива дека имало 2 952 апликации за азил од малолетни лица за првите 6 месеци од 2017 година. Од овие, 705 барања биле оспорени заради постоење сомнеж кај институциите за вистинската возраст на апликантите. Од овие 705, направена се тестови за 618 барања, од кои дури 402, или 65%, се покажале како случаи во кои апликантите лажеле дека се малолетни. Доколку се погледне периодот од 2006 до денес, британските институции кои се занимаваат со миграција откриваат дека имало вкупно 12 942 случаеви во кои се проверувала возраста на апликантите, и во скоро 50% од нив, односно во 5965 случаи се утврдило дека апликантите лажеле за својата возраст, односно имале повеќе од 18 години. 

Во 2016 година, данската Имиграциска служба пројавила сомнеж за вистинската возраст на повеќе стотици апликанти за азил, кои се претставувале како малолетни. Според еден извештај кој го објавува весникот Jyllands-Postenданската Имиграциска служба изразила сомнеж за возраста на околу 800 малолетни баратели на азил и побарала од Одделот за форензичка медицина на Универзитетот во Копенхаген (Retsmedicinsk Institutда изврши тестирање на овие лица со цел да ја одреди нивната реална возраст. Преку употребата на рендген снимки од нивните заби и коските на прстите, Одделот дошол до заклучок дека 74% од тестираните лица, или околу 600 лица, се всушност возрасни лица, односно постари од 18 години. После ова откритие, бројот на барања до Одделот за проверка на возраст на лица драстично се зголемува, и во 2016 година е скоро дуплиран бројот на исти такви барања споредено со 2015 година., и ја надминува бројката од 1000 тестови. Се претпоставува дека бегалците се обидуваат преку добивањето на статус на малолетен азилант да ги искористат бројните бенефиции кои ги нуди данскиот систем, како на пример, можноста да ги донесат своите родители во Данска. 

Понатаму, бројот на деца мигранти кои не се придружувани од своите родители и кои пристигаат во Швајцарија е зголемен за десет пати во последната деценија. Според Државниот секретаријат за миграција, околу 40% од бегалците кои тврдат дека се малолетни, се всушност лица постари од 18 години. Исто така и во Норвешка ситуацијата не се разликува многу, па дури може да се каже дека таму е најалармантна. Една студија која преку стоматолошки тестови ја проверувала реалната возраст на апликантите за азил кои се претставувале како малолетници, доаѓа до шокантно откритите дека дури 9 од 10 апликанти лажеле за својата возраст, и се всушност полнолетни. Ова веројатно се должи на големите бенефити кои ги уживаат децата бегалци согласно социјалниот систем на Норвешка. 

Понекогаш ваквите разлики во возраста помеѓу лицата кои се сместени во прифатните центри за малолетни азиланти, кои во одредени случаи се докажало дека се и повеќе од 10 години старосна разлика, потоа отвараат нови проблеми во поглед на образованието, лекарската грижа и сместувањето на овие лица. Дали и на каков начин ќе продолжи да се третира оваа, може слободно да се нарече и измама, со која се злоупотребуваат одредени правила и норми, останува времето да покаже.