
Голем број на работи се променети од зенитот на бегалската криза која ја стресе Европа во средината на 2015 година до денес. Со цел да се намали бројот на мигранти и бегалци кои влегуваат во Европа, многу европски држави ги засилија своите гранични подрачја и донесоа нови законски регулативи. Сепак, проблемот до ден денес не е комплетно решен, особено во делот на мигранти и бегалци кои влегуваат во Европа по морски пат (по Средоземното море), па така според официјалните податоци од надлежните институции во Обединетите Нации, во 2018 година, вкупно 35 455 лице влегле во Европа на овој начин. Од нив, најголем број влегле преку Италија, што беше и причината заради која Италија превзеде најагресивни мерки за справување со оваа настаната ситуација, и ги затвори своите пристаништа.
Токму оваа постапка на италијанската влада извади на површина една ситуација за која подолго време се водеа дебати и се кршеа копјата, околу бродовите кои пловат по Средоземното море, а се финансирани од неколку фондации и невладини организации, а чија цел е патролирање по водите на Средоземното море, за да помогнат доколку забележат дека има луѓе во опасност. Најчесто, тие спасуваат бегалци и мигранти, кои во импровизирани пловила, што ги купуваат од шверцерите на мигранти кои оперираат на северниот брег на Африка, се обидуваа во еден здив да ги поминат неколкуте километри помеѓу Африка и јужните европски држави, претежно Италија, Малта и Шпанија.
Од една страна, организациите како SOS Mediterranee од Франција, Mission Lifeline од Германија и Proactiva Open Arms од Шпанија ги оправдуваат своите акции и се водат од логиката на спасување животи: без нивните активности, бројот на исчезнати и мртви лица во водите на Средоземното море би бил многу поголем од бројката од околу 1500 лица од почетокот на 2018 година до денес.
Од друга страна, уште во 2016 година, граничната агенција на ЕУ, Frontex, во еден од своите извештаи ја посочува ситуацијата со ваквите бродови и наведува дека е забележано дека овие бродови користат јаки светла кои служат како водилка за мигрантските пловила и им олеснуваат да ја пронајдат позицијата на невладините бродови, и потоа се прекачуваат во нив. Уште тогаш, италијанските политичари, особено од десниот политички блок, почнаа јавно да ги критикуваат овие спасувачки мисии кои се изведуваа многу блиску, а понекогаш и во либиските територијални води.
Пристигнувањето на повеќе од 700 000 луѓе со бродови од 2013 година до денес, е и една од причините за доаѓањето на власт на анти-имиграциската партија „Лига“ и популистичкито „Движење на пет ѕвезди“ во Италија, чија што одлука да ги затворат пристаништата наиде на одобрување кај мнозинството од италијански граѓани. Францускиот претседател Емануел Макрон, во едно свое неодамнешно обраќање, исто така упати силна критика кон невладините организации кои им помагаат на криумчарите од афричкиот брег да заработат милиони, преку нудење на своите „услуги“ на мигрантите кои сакаат да преминат од Африка во Европа.
Дали работата на овие бродови претставува хуманитарна мисија или пак им е од помош на криумчарите на мигранти, е прашање кое многу бргу ќе треба да биде одговорено, затоа што се повеќе држави од јужниот дел на Европа одбиваат да им дозволат пристап на ваквите бродови во своите пристаништа.