Свет 26. септември 2019. / 14:31

Космичката промена наречена – Грета Тунберг

Космичката промена наречена – Грета Тунберг

Деновиве во фокусот на интересот на светската јавност е инспиративниот говор и целокупниот перформанс на Грета Тунберг. Грета Тунберг се обидува веќе долго поставуваното прашање за климатските промени да го стави на листата на приоритети и да го постави како прашање кое ќе засега директно во совеста прво на претставниците на владите, а потоа и на сите жители на планетата Земја.

пишува: Магдалена СТОЈМАНОВИЌ

Секако климатските промени, кои можат да предизвикаат силни катастрофи и тотална промена на лицето на Земјата и на животот на жителите на Земјата, се долго време третирани во науката. Научната фела тврди дека само и исклучиво човечкиот фактор е „виновен“ за предизвикување на низа настани и еколошки промени и сите тие феномени се подведуваат под името „климатски промени“.

Не е дека интересот на јавноста за климатските промени е опаднат или е на незадоволително ниво, но само Грета Тунберг стана симбол на борбата против климатските промени на светско ниво. Јас имам малку поинаква перцепција за Грета Тунберг и нејзината улога и за мене таа е симбол, не на борбата против климатските промени, туку симбол на промена во етичките закони и симбол на промени од космички карактер. Грета Тунберг е малолетно дете, со изразена свесност и совесност, елоквентност и ведрина. Но Грета Тунберг е малолетно дете. Уште од античко време е познато дека сферата на јавното и политичкото ги исклучува децата. Децата се суштества кои поради недоволна телесна, умствена и општествена развиеност не може да носат одлуки. Дури и да се дозволи третман на политичко прашање од страна на децата, тоа не може да се перципира поинаку од „инструментализација на децата“. Во спротивно, доколку се третира Грета како полноправно политичко суштество, тогаш треба да им се дозволи на децата да гласаат, да одат на протести, да ги искажуваат јавно своите политички определби и сугестии. Целиот тој глобален спектакл што се врзува за името на едно дете може да не наведе на неколку сериозни заклучоци.

Прво дека, светската политика станува поле во кое се е дозволено, поле во кое нема правила и норми, етикеција и здрав разум. Нема ништо спорно во тезите на Грета, спорно е што тие тези со сиот тој перформанс позади изказите е кажан и направен од едно малолетно дете. Сериозно прашање е дали треба да се третира тоа дете како суштество што може да носи комплетна одговорност и грижа за себе и за другите. Доколку одговорот е афирмативен размислете колку промени околу носењето на одлуки и преземањето одговорности треба да следат во кривичните закони, во прекршочните закони, во изгледот на семејството, во улогата на родителите и општествените институции како агенси на социјализација. Впрочем потврдниот одговор на прашањето дали Грета навистина треба да се третира како издефинирано политичко суштество е тоа што би донело куп промени во заедничкото живеење и во општеството воопшто.

Второ, вниманието на медиумите околу Грета е доказ за улогата на медиумите да ги подвојуваат етичките стандарди што се издигнати на ниво на закони и да го редуцираат здравиот разум до апсурд. Тврдам дека, толку големо медиумско внимание е прво насилство и злоупотреба на едно дете, а второ е силување на здравата логика на оние што тие информации ги следат. Затоа воопшто не ми е чудно што има толку подвоени мислења околу овој случај. Сепак сметам дека во такви ситуации не е на нас да се делиме и да заземаме став. Така само паѓаме во замката на медиумите. Секое давање внимание на медиумските содржини кои се косат со етичките норми е соработка со нивната намера да не подвојат и да ни го менуваат битието и нашите исконски карактеристики.

Грета е симбол, но не на борба против климатски промени, таа е симбол на моќта на медиумите и машинериите што Грета ја видоа како свој проект за висока заработувачка на пари. Грета е симбол на новото глобално време, во кое континуирано се разоруваат логичките, етичките и цивилизациските правила.