Спорт

Васоски: Вардар претрпе големи измени, ама и овој тим има квалитет!

Васоски: Вардар претрпе големи измени, ама и овој тим има квалитет!

Македонскиот вицешампион Вардар по бурните неколку недели по елиминацијата од Пјуник во воведното коло во европските квалификации за Лига Европа и најавата за промени во структурите на клубот со повторно преземање од страна на град Скопје ги привршува завршните подготовки за саботниот старт на прволигашката сезона и гостувањето во Тетово кај Шкендија во првото дерби со главниот ривал за трофеите.

Вардар пред реваншот со Пјуник го смени Бобан Бабунски од кормилото на тимот, кој беше тренер од април годинава и на негово место дојде Александар Васоски, прво како привремено решение, а сега и како тренер кој ќе ја започне новата сезона

„Од Вардар секогаш се бара да се игра за трофеите, на секој меч да се победи. Така било и кога бев играч, така е и сега како тренер. Играчите го сфаќаат предизвикот и нормално ние ќе сториме се за да се бориме за титулата. Јасно е дека Вардар претрпе големи измени од лани во однос на играчкиот кадар, ама и овие фудбалери кои ги имаме на располагање имаат квалитет да се борат за највисок пласман.

Вардар по елиминацијата од Пјуник одигра две контролки со Македонија ЃП, која ја загуби со 1-0, а го победи Силекс во Кратово во саботата со 1-0, па Васоски посочува дека тимот е подготвен и за воведното дерби, но и за сезоната што претстои.

„Искрено резултатите на овие контролни натпревари не ми беа важни, најважно беше добро да ја подготвиме екипата за новата сезона и мислам дека тоа добро го направивме. Подготвени го очекуваме стартот на сезоната и се надевам на еден успешен шампионат. „Интересно е што втора сезона по ред првенството го почнуваме од Тетово. Според мене и оваа сезона ќе биде натпревар на двете најдобри екипи во првенството. Очекувам добар меч, со желба и мотиви од двете страни, а како тренер на Вардар посакувам дека ќе се вратиме со трите бода и победнички ќе го стартуваме новиот шампионат. Задачата нема да биде лесна, меѓутоа верувам дека момците ќе дадат сè од себе да дојдат до победата на ова гостување. Имаме уште неколку дена пред овој дерби натпревар и верувам дека ќе одговориме максимално на предизвикот“, додава Васоски за клупската интернет-страница.