Спорт

Сам и бос! Вака се простуваше Иниеста од „Ноу Камп“

Сам и бос! Вака се простуваше Иниеста од „Ноу Камп“

Викендов две фудбалски легенди се простија од клубовите во кои успешно настапуваа долги години. Јувентус во саботата се прости од Џанлуиџи Буфон, а синоќа Барселона му кажа збогум на Андрес Иниеста.

Шпанецот синоќа го одигра последниот, 674. натпревар во дресот на Барселона. Новиот шампион го совлада Реал Сосиедад во натпревар кој немаше резултатско значење, но 90.000 публика дојде да го поздрави и да се збогува со играчот кој во Барселона мина цели 22 години.

Се беше во знакот на капитенот на Барселона, од кореографијата на почетокот на мечот, излегувањето на целиот тим во дрес со бројот осум, па се до десетминутните овации по неговото излегување во 80. минута. Сепак, највпечатливата слика од „Ноу Камп“ ноќеска дојде 50-тина минути по полноќ, каде Иниеста се појавил сам на теренот и бос седнал во тревата, во средината на теренот каде царуваше во дресот на „каталонците“ долги години.