Спорт

На МТВ сезонава нема да гледаме Лига на шампиони ниту во фудбал ниту во ракомет

На МТВ сезонава нема да гледаме Лига на шампиони ниту во фудбал ниту во ракомет

По неколкудневни шпекулации дека Македонската радио телевизија нема да врши преноси од најдобриот европски ракомет и фудбал, сега и официјално стигна потврда за тоа. Уредникот на спортската редакција на МРТ, Драган Николовски го ја потврдил информацијата за Офф.нет.мк.

– Точно е, Македонската Телевизија нема да ја пренесува ракометната Лига на шампионите во сезоната којашто почнува деновиве. Во ситуација кога Македонија остана без претставник во женска конкуренција, а машките клубови се во надолна линија, дури и со реална неизвесност околу нивната перспектива во ЛШ, условите за склучување нов двегодишен договор со ЕХФ Маркетинг (а не да се договара сезона по сезона) беа премногу неповолни од финансиски аспект.

– Како и во претходните неколку сезони, договорот требаше да ги опфаќа ТВ-правата за пренесување само на натпреварите на нашите претставници, обврската за ТВ-продукција и за сателитскиот аплинк на мечевите коишто ќе се играат во Македонија, како и ТВ-правата за завршните турнири во Будимпешта и во Келн, изјавил тој.

Договорот кој МРТ го имал со ЕХФ Маркетинг важел на три сезони и истекол со крајот на 2017/2018, а освен што сезонава нема да ги гледаме Вардар и Металург во Лигата на шампионите, јавноста останува со куси ракави и кога е во прашање најдобриот европски фудбал на МТВ.

– МРТ и за наредниот тригодишен период (2018-2021) достави исклучително висока понуда до Тим Маркетинг, компанијата преку којашто УЕФА ги продава ТВ правата за фудбалската Лига на шампионите и за Лига Европа. Сумата којашто во моментов е незамислива за некоја од комерцијалните ТВ куќи во земјава да ги откупи правата за ексклузивното натпреварување, сепак, не беше доволна за МТВ да обезбеди ексклузивитетот како и во периодот од 2012 до 2018 година, додал Николовски.