Спорт

Македонија остана без знаменосецот на МОИ заради половина килограм

Македонија остана без знаменосецот на МОИ заради половина килограм

Македонската делегација на Младинските олимписки игри (МОИ) во Буенос Аирес (Аргентина) неочекувано остана без еден од спортистите од кои очекувавме да се вратат со медал и тоа поради релативно аматерска грешка односно поголема тежина од предвидената за само – 500 грама.

Станува збор за таеквондистката Анамарија Георгиевска, која беше знаменосец на церемонијата на отворање на овој настан и која требаше да настапи во категоријата до 55 килограми. Но, на официјалното мерење таа имала половина килограм повеќе поради што не и било дозволено да се натпреварува.

– Анамарија, на 6 април 2017 година, доби покана од страна на Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) и Светската Таеквондо федерација (СТФ) да настапи на МОИ Буенос Аирес 2018. Во тој период, таа имаше 54 килограми и беше пријавена во категоријата -55 кг. Мора да се истакне дека во тој период беше тешко да се предвиди како таа ќе се развива и дали ќе биде една или две тежински категории погоре за време на МОИ.

– Во меѓувреме, Анамарија Георгиевска во 2018 година оствари историски резултат за македонскиот спорт и освои јуниорски бронзен медал од светско првенство во Тунис во категорија -59 кг. Македонскиот олимписки комитет и Македонската Таеквондо Федерација испратија бројни дописи до ИОК и до СТФ за промена на категоријата во која таа ќе учествува, но за жал сите можни обиди и дописи за да се промени категоријата на овие игри за Анамарија беа одбиени од страна на СТФ. Анамарија, во консултации со својот тренер и лекарската екипа во МТФ, го прифати тој предизвик иако тоа значеше напорен период и за неа и за нејзините тренери. На официјалното мерење, на Анамарија и беа измерени 500 грама повеќе од дозволеното со што таа не доби дозвола за настап.