Македонија 05. ноември 2019. / 15:34

(ВИДЕО) Стојмановиќ: За прв пат во Македонија имаме трилер книга

(ВИДЕО) Стојмановиќ: За прв пат во Македонија имаме трилер книга

Новата книга на актерот Сашо Тасевски „Жена вредна злато“, која ќе биде промовирана на 12 ноември, во однос на сите други негови претходни книги многу се разликува и со самото тоа претставува огромно освежување за македонската читателска публика.

– За прв пат во Македонија имаме јасно дефинирана книга која што според нејзината жанровска определба и припадност се дефинира како трилер, вели во интервју за Лидер, Магдалена Стојмановиќ, издавач и организатор на промоцијата на книгата на Тасевски.

„Жена вредна злато“ се препорачува за сите луѓе што се осмелуваат да размислуваат различно, што знаат да читаат меѓу редови и луѓе кои што сакаат да го разберат нашето време и опкружување.

– Сето тоа ќе може да го препознаат преку генезата на развојот на главниот лик. Бидејќи приказната оди паралелно, од една страна го имате приказот на Кира како дете, а од другата страна како возрасна госпоѓа која со сите тие потсвесни мотивации станува платен убиец, вели Стојмановиќ.

Зошто станува платен убиец? Кои се околностите кои од нас може да напраат личности на кои што никој не се надева? Каква е социјалната средина која што го стимулира тоа кај нас, одговорите ќе се знаат по промоција на книгата на 12.11.2019 во 19 часот во Драмски Театар Скопје со поддршка на издавачката куќа „Икона“ чие издание е и делото.

Целиот разговор со Магдалена Стојмановиќ, во кој зборува и за издавачката дејност и кој е критериумот еден наслов да биде прифатен и издаден од страна на издавачка куќа погледнете го во продолжение.