Македонија 17. септември 2019. / 15:03

Толпо, олабави се!

Толпо, олабави се!

Ништо нема поголема моќ за брза и трајна организација колку една толпа. Толпата ја сочинуваат луѓе кои немаат сличности, ниту многу заеднички работи. Тие ја губат својата индивидуалност во толпата и обилно преземаат едно мислење кое не е засновано на знаење и верификација. Од прилика вака изгледа еден синтетизиран опис на толпа што го дава Гистав ле Бон во неговата книга „Психологија на толпа“.

пишува: Магдалена СТОЈМАНОВИЌ

Имам впечаток дека спонтано организираната хајка против новинарот Љупчо Златев е репрезентативен пример за тоа како толпата се обединува околу еден избран кандидат за негово пренесување на жртвеникот. Обично толпата, избира по случаен избор или врз база на привид, потенцијална жртва против која се води систематизиран јавен линч дотаму што се навлегува во најдлабоките пори од интимноста. Крајната цел е добивање на колективна катарза и онтолошка ејакулација.

Љупчо Златев беше обвинет за шовинизам, сексизам, за национал-шовинизам, за албанофобија и за поттикнување на родовото насилство поради објавен фејсбук статус. На спорните фејсбук статуси на новинарот, некој пронајде говор на омраза, некој пронајде сатиричен начин да се прикаже перцепцијата и експресијата на истата таа перцепција од одредена група на луѓе. Според изјавите на авторот во спорните статуси се крие само добра смисла за хумор зачинета со потреба за игра. Како што вели Хоизинга, играта е сеприсутна и е една од главните карактеристики на човечкото постоење. Па затоа според мене, воопшто не е спорно што некој си игра со зборови, со интереси, со туѓи ограничености, со туѓата тесноградост и сл.

Како социолог по вокација, на сите кои во фејсбук објавите видоа шовинизам и сексизам би сакала да им побарам образложение на основата врз која ја донеле таа оценка. Би им препорачала следен пат кога ќе имаат намера да се „направат паметни и душегрижници“ наместо да учат термини што ги користи елитата од речник, не е лошо и да прочитаат опсежно за појавата, концептот или проблемско третирање, а не само терминолошка употреба.

Целосно е нејасен поводот и мотивот на „Здружение на новинари на Македонија“ да го оквалификуваат својот колега како „груб кршител на етичкиот новинарски кодекс“. Прво бидејќи здружението е спорно и еден од најголемите скандали во новинарството во последните децении беше токму прогласувањето на Младен Чадиковски за претседател на здружението неколку дена пред официјално по пат на гласање да биде одбран како претседател. После таа „АФЕРА ГРАНДЕ“ Младен Чадиковски стана нелегитимен претседател на едно нелегитимно здружение што нема апсолутно никакво право да се повикува на етички кодекси и да дели совети и осуди за професионална етика. Уште помалку има коорпоративен суверенитет врз новинарската дејност и човековото право за слободно изразување.

Од друга страна, се појавуваат и некои периферни новинари, на кои најголемото достигнување во животот им е приликата да му се претставаат како колеги на Љупчо Златев, со цел да можат исто така поведени од неговиот пример да потсетуваат на новинарски стандарди.

Политичките партии секако излегоа со тешки осуди и душегрижнички текстови. И како и секогаш политичките партии одбираат такви презентери на нивните официјални ставови што освен тоа што читаат текстови на јавни настапи, тоа и го прават на сосема неуверлив начин така што сите знаеме дека зборуваат „ради реда“. И СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ сериозно треба да си се познимаваат со својот кадар и неговата прераспределба и крајно време е за свои официјални претставници да почнат да поставуваат и луѓе што се образовани и елоквентни, а не единствениот услов за висока партиска позиција да биде трчкаторство и послушништво.

Во осудата на СДМС стои обвинување дека Златев е октроиран вмровец и го видоа како мета преку која треба да пукаат на опозицискиот рејтинг што е во подем. А од друга страна ВМРО-ДПМНЕ во славниот стил на својата „политичка коректност“ брже боље потрча да го осуди говорот на Златев, иако тоа се можеби единствените примери во кои и оваа политичка партија што не е баш позната по филантропија, пацифистички говори и дужебрижништвото за женските права, добива прилика да го покаже спротивното.

Тешка хипокризија се провлекуваше и во оние реакции на некакви си невладини организации, некои кандидати или претставници на елитата, некои луѓе со единствена професија у животот „твитерџии и фејсбукаши“. Сите оние јавно вперија прст во фејсбук статусите на еден новинар и тоа новинар што истапува како личност, на свој личен профил и тоа во општество кое треба строго да различува лично и јавна улога. Само во тоталитарните режими „Големиот Брат“ анализира дали твојата личност се разликува од улогата која ја играш во општеството. Апсурдно е да се бара целосен монизам помеѓу професионалното и личното во општество чија базична вредност е слободата.

Толпо олабави се, станува збор за фејсбук статус на личен фејсбук профил, кажан со многу сатира, на јазикот што го говорат многу учесници во јавната сфера. Изјавата: „Жените ги тепаат за пиење“ ако беше кажана: „Во конзервативните средини низ Македонија, како што е и Боговиње од каде што е Фатиме Фетаи постои забрана за конзумирање на алкохол, а партијархализмот наложува телесна казна посебно за жени што конзумираат алкохол“ веројатно немаше да претставува проблем. Овие две изјави се семантичко еквивалентни, со таа разлика што првата изјава е кажана со јазикот на „обичниот човек“ што поради јазичните бариери и обликување на јавниот дискурс е отсутен од истиот. Другата изјава е кажана со јазикот на елитата и служи да се загарантира естаблишментската позиција на истата и да се исклучи обичниот човек од јавниот дискурс.

Вашите проѕирни обиди да се прикажете како образовани луѓе што го говорат јазикот на избраните и да пропагирате еманципација на жените без никаква реална заложба за истата, на многумина им се очигледен пример за ФЕЈК. Вие прштите од фејк, фејк е дека сте образовани, а не знаете да препознаете сексизам како појава и проблем реално, фејк е дека говорите со јазикот на ретките, вие само и себе си не се разбирате и фејк е дека пропагирате еманципација бидејќи само одмагате во еманципацијата обидувајќи се да прикажете една неуспешна заложба за еманципација како реална.

Све околу вас е фејк, само не е фејк дека сте ТОЛПА чија жртва овој пат нема да биде Златев како „послушниот Исак“ пошто вие самите ја немате витешката вера на Аврам.