Македонија 21. јули 2019. / 18:41

Правдата мора да ослепи час побргу

Правдата мора да ослепи час побргу

Деновиве сме сведоци на можеби најфлагрантниот пример за злосторничко здружување од осамостојувањето на државата. СЈО – институцијата за која од сам почеток тврдевме дека е продолжена рака на Заев, се испостави како јалова творевина во македонскиот правен систем, параинституцијата, која служеше за шиканирање на ВМРО-ДПМНЕ, очигледно имала втора уште позначајна цел за самите власти и лица блиски до власта – тргување со правдата. Па наместо борба со криминалот, добивме рекет со криминалците.

пишува: Светислав ВАСЕВ

И така извршителите си лежат, а наредбодавците и лицата кои го овозможиле овој криминал се на слобода. Апсурдно е СЈО да била алатката која го овозможувал рекетот, а да нема ниту еден затворен обвинител! Од што се плаши власта? Некој да не пропее, па да го посочи врвот на пирамидата!? Или и овој пат правдата ставила наочари наместо превез па ќе одговараат само оние кои малку знаат!? Се додека одговараат само најдолните извршители, а нема одговорност за нарачателите правда тешко дека ќе има!

А одговорност, одговорност мора да има за сите од Заев па надолу!

Да почнам со ред, ќе бидам подолг. Како што се развива случајот доаѓаме до неколку заклучоци.

1. По објавениот детал од истрагата, дека обвинител ( независно кој ) од ова институција бил пуштан на интерфон пред рекетираните бизнисмени, како истите ќе се уверат дека го плаќаат рекетот, а за возврат ќе ја добијат ,,милоста” на СЈО, е повеќе од доволен факт да се посомневаме во сите предмети на ова обвинителство! Имено која е гаранцијата дека ова не било пракса!? Токму затоа потребна е целосна истрага за работењето на СЈО од неговото формирање до денес, како финансиска, така и правна, случај по случај. По објавувањето на фактот дека обвинител од СЈО се дрзнал на мафијашки начин да продава ,,милостиња”, ова обвинителство не само што не треба да води истрага, туку против него мора да има истрага!

2. Се до завршување на истрагата во СЈО, ниту еден од обвинителите вклучени во истото, не смеат да бидат дел од новото обвинителство, кое на големо се заговара.

3. Новото обвинителство не смее да има шеф, кој ќе биде на предлог на власта, туку личност на предлог на опозицискиот блок на партии во парламентот, со дебело cv од областа на правораздавањето.

Ова за СЈО, сега за Заев.

Невозможно е со години да се случува милионски рекет, да има плаќања на истиот, а институциите на системот ништо да не забележат. Што правела УФР, УФП, УЈП и другите институции од областа на финанското разузнавање, што правело МВР? Што правеле службите за внатрешно и надворешно разузнавање!?

Невозможно е толкава операција со толку голем број на изрекетирани бизнисмени да остане незабележана од институциите на системот. Тоа говори само едно, или институциите не работат ништо, или лично врхушката на власт го одобрила криминалот. И во едниот и во другиот случај потребниот чекор е јасен, оставки!

Доколку во изминативе неколку месеци мислевме дека сме во политчка криза, сега сум повеќе од сигурен дека се наоѓаме во правно-политичка катаклизма, ерозија која нагриза се што беше здраво ткиво во државата.

Секој нормален граѓанин ќе се запраша, па добро бе, имали случај во државава кој што не е затворен политички, за кој што не е платен рекет, или истргувано со влијание, искрен да бидам одговорот на ова прашање за жал никој го немаме.

Очигледно е дека ако сакаме да застанеме на нозе потребно ни е преструктурирање на правниот систем, генерален резибор на судии и обвинители, преиспитување на сите судски одлуки и отстранување на законските пропусти.

Но тоа во здрава средина, а до неа, преку избори!

Во интерес на иднината на државата е власта што побргу да распише избори, да имаме техничка влада, а по изборите да дојде до санирање на штетите. Потребни се брзи реформи на секое ниво. Правдата мора да ослепи!