Македонија 03. октомври 2019. / 08:42

Мастурбаторите од лево и десно!

Мастурбаторите од лево и десно!

Новинарството во Македонија се сведе на броење на сексуални партнери на јавни дејствители и колеги

пишува: Магдалена СТОЈМАНОВИЌ

Новинарството треба да го опфаќа јавниот интерес и делувањето во сферата на јавноста. Новинарите во Македонија согласно определбите на објективистите и субјетивистите имаат две задачи.

Според објективистите тие треба да прават пресликување и пренос на состојбите во објективната реалност, а според субјективистите, тие со своето делување треба да го обликуваат јавното мислење. Како и во сите други дејности новинарството во Македонија има изместени стандарди. Во мојата држава со новинарство се занимаваат луѓе кои се целосно октроирани и диригирани од политички партии.

Независно новинарство одамна е мртво. Активистите на политичките партии ги користат своите „гласила“ – новинарите да ја шират и негуваат нивната пропаганда. Тоа ми беше одамна јасно. Но она што ме згрозува е фактот што истите тие новинари, наместо јасно и прецизно да прават разлика помеѓу јавното и приватното тие ненамерно а често и намерно удираат во приватноста на другите луѓе со цел да ги омаловажат, да им најдат слаби точки и да ги поразат. Тоа секако го прават поради тоа што институциите кај нас поради високото ниво на корупција не си ја завршуваат својата работа и должност и ваквите „силувања“ на приватноста не биваат соодветно санкционирани.

Новинарството во Македонија се сведе на тоа да се зборува за сексуалниот живот некому. За жал деновиве мета на нивните нереализирани сексуални фантазии, помешани со несовест и непрофесионализам беше Љупчо Златев. Пишувањата на неколку новинари за неговиот сексуален живот, во кој на едно место бев спомената и јас, иако не сум јавна личност и не се занимавам со јавна или државна дејност, се последниот прогласот на поразот на македонското новинарство. Љупчо Златев беше нападнат на начин на кои двајцата новинари всушност и единствено знаат да комуницираат, бидејќи и едниот Саше Ивановски и другиот Миленко Неделковски во своите професионални ангажмани јавноста не ги памти по интелигенција, шарм, харизма или тоа што професионално си ја завршуваат работата, туку ги памти по скандалите од приватниот живот свој што сами си ги пласира или што бескрупулозно удираа по приватните животи на други луѓе.

Вака, бидејќи сте уста на политичка партија која ве храни и стои зад вас, едните од едната, а другите од другата политичка партија, морам јасно да ви посочам дека со сите сили ќе го негувам и одржувам ентузијазмот на мојот партнер кон ВИСТИНАТА, ПРАВЕДНОСТА И ЧОВЕЧНОСТА. Не грижете се, нема да му бидам слабата, туку најсилната точка. Можете да пукате под појас, да не линчувате јавно, да не мразите од дното на душата, да се заканувате дека физички ќе не повредите, јас од такви луѓе како вас се можам да очекувам и ништо не ме изненадува. Но вашиот начин никогаш нема да стане мој начин. Јас имам овбрска и должност пред идните генерации да изградам подобро општество, а тоа подобро општество значи дека новинарството во Македонија нема да се сведе на броење на сексуални партнери и водење евиденција за сексуален живот или доколку воопшто тоа се прави, да не остане не санкционирано од надлежните институции.

Не грижете се, она што ме разликува од вас е младешкиот ентузијазам и витализам што вие како повозрасни луѓе го немате. Имам доволно време да се позанимавам со злото кое го сеете и да го демистифицирам, па затоа ќе му оставиме на судот на времето да го покаже лицето на секој од нас!