Македонија 25. ноември 2019. / 10:08

Македонија мора да успее

Македонија мора да успее

,, Да не сум претседател и јас би си заминал од својата држава. ” – Во оваа реченица е содржана сета македонска сегашност, проблемите, безперспективноста, буквално трулежот на системот. Стево Пендаровски со една реченица го призна тоа кое сите ние веќе три години го живееме.

пишува: Светислав ВАСЕВ

Да, оние кои ветуваа враќање на 600.000 иселени, иселија уште неколку десетина илјади плус. Дојдоа на власт и не само што не се потрудија некој да вратат, туку со секој чекор што го преземаат, им даваат причина плус да се иселат.

Криминалот, корупцијата и рекетот си го донесоа своето. Народот бега и бара понормално место за живеење. Никој не се пронаоѓа во земја во која премиерот со маалски речник од типот на ,,мало сутра” ветува дека ќе не ставел на прав пат. Да можеби на прав пат, но кон некој амбис.

Но каде е решението? Дали решение е да се бега или да се остане и да се спротистави на оние кои не бркаат!? Секако дека решението е да се остане и да се спротиставиме на оние кои не бркаат, и кои ги избркаа нашите роднини, пријатели, комшии. Втора шанса за ставање на работите ма вистински колосек ќе немаме. Наместо колективна апатија потребна ни е колективна мотивација. Мотивација за промени кон подобро. Ние можеме бидејќи и друг избор немаме. Или Македонија ќе ја направиме добро место за живеење за сите во наредните 5-10 години или друга можност за тоа ќе немаме!

САД успеа од пустелија и неизорана прерија да стане држава број 1 во светот. Земја која во последните 150 години го диктира темпото на светскиот развој. САД успеа заради индивидуализмот и желбата секој човек да го пронајде своето место под небото, во систем каде правилата се загарантирани и не се менуваат со секоја промена на власт. Систем во кој секој почеток е ист. Истото го можеме и ние тука. Во ера на забрзан технолошки напредок, растот е можен за енормно краток временски период. Потребна е само волја и власт која ќе воспостави стандарди.

ВМРО-ДПМНЕ по 12 април ќе овозможиме цврста примена на законите, ослободување на правосудниот систем од стегите на власта и политика на ниски даноци. Македонија мора да ја ставиме на вистинскиот колосек. Ако не сега, се плашам дека друга шанса нема да има. Затоа дефетизмот на страна. Македонија мора да успее.