Македонија 24. август 2019. / 19:45

Крстете ја „Република на табуата“

Крстете ја „Република на табуата“

Ич не е важно дали ќе ја нарекувате „Северна“, „Република Македонија“ или „Бивша Југословенска Репубика Македонија“, најдобро е да ја крстите – „Република на табуата“.

пишува: Магдалена СТОЈМАНОВИЌ

Моето општество го сочинуваат табуизирани поедници. Табуто како општествена забрана длабоко понира преку супер-егото на поединецот до неговиот ид. Поради ирационалниот карактер и безначењето, табуто е моќно и разорливо.

Табуто не е забрана која има легислативен карактер, таа е многу повеќе психолошки одошто социолошки феномен. Веќе станува тешко да се воспостави каква било морална вертикала, да се развлече доброто од злото и јасно да се одреди границата помеѓу знаењето и не знаењето. Во моето општество:

Табу е да си политичко суштество, а да не припаѓаш на политичка партија.

Табу е да си чесен човек кој заработува на транспарентен начин, а пожелно е да си богат криминалец.

Табу е добиеш се само и исклучиво врз база на своите заслуги, пожелно е да си дете на транзициски обогатени родители.

Табу е да си добар ученик, пожелно е да си што е можно побезобразен незнајко.

Табу е да завршиш факултет и да се вработиш, пожелно е да купиш диплома и да се вгнездиш државна фотеља.

Табу е да си бркаш својата работа, пожелно е да учествуваш во секое озборување и создавање митови.

Табу е да го сакаш и почитуваш партнерот што си го избрал, пожелно е да живееш во пекол наречен „брак“ без разлика на сите несреќи во него.

Табу е да си независен и неангажиран мислител, пожелно е да си платен интелектуален или политички потрчко.

Табу е да зборуваш за Сократ во друштво на кое лидер му е Тито.

Табу е да сакаш да молчиш кога не сакаш да придонесуваш во незанимливиот разговор што се води во друштво.

Табу е да молчиш за политика ако тоа ти е единствениот начин да си го зачуваш интегритетот, пристојноста и критичноста на умот.

Табу е да си моногамен, пожелно е да си промискуитетен и изопачен.

Табу е да имаш многудетно семејство, пожелно е да не се мажиш или да бидеш во брак без деца.

Табу е да играш чесно за да добиеш признание, пожелно е да го сплеткатиш колегата.

Табу е да работиш вредно и посветено, пожелно е единствената работа да ти е надзор и контрола на тоа што го работат твоите колеги.

Табу е да не сакаш да згазиш по туѓи животи тенденциозно, пожелно е да профитираш од туѓиот срушен живот и дигнитет.

Табу е да не те интересираат пари и моќ, пожелно е да ја мериш вредноста на сопственото постоење преку тоа колку пари имаш.

Табу е да знаеш кој е Јалом, а да не знаеш кој е Робин Шарма.

Табу е да читаш книги што нема да те научат како да заработуваш многу пари.

Табу е да си конзервативен и да ти се гади од геј пради.

Табу е да имаш почит кон своите родители, но да си независен од нивните одлуки, пожелно е да си мамино синче кое секој ден си ја малтретира мајка му пошто не му ги испрала чорапите.

Табу е да си ја сакаш и почитуваш жена ти зашто тоа е папучарство, пожелно е да ја омаловажуваш и повредуваш пред публика од нејзини најблиски.

Табу е да промениш партнер, пожелно е да трпиш стоички шамари и навреди.

Табу е да си различен, а при тоа да не си од оние спротиставените.

Табу е да имаш нациионална свест, пожелно е да си несвесен космополит.

Табу е да изговориш „Република Македонија“ пред оние што насилно те прекрстиле во Северна.

Табу е да си свој и непопустилив, во земја во која секој секому му е должлник.

Табу е да немаш табуа и единственото табу да ти е да имаш табу!