Македонија 01. февруари 2019. / 18:19

Ѓорчев може сериозно да ја придвижи Македонија напред!

Ѓорчев може сериозно да ја придвижи Македонија напред!

Почитувани читатели, како главен уредник на порталот „Лидер“, сакам да ве информирам дека за претсетојните претседателски избори, како медиум, во стилот на медиумите од Соединетите Американски Држави – планираме официјално да поддржиме еден од кандидатите.

пишува: Љупчо ЗЛАТЕВ

Прво ќе поддржиме по еден кандидат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владејачката СДСМ во нивните внатрепартиски конвенции, а потоа, во моментот кога официјално ќе почне кампњата – ќе поддржиме еден од кандидатите за изборите. Во овој момент сеуште немаме „официјални“ кандидатури, па токму затоа во оваа колумна ги пишувам моите лични ставови а не официјалниот став на „Лидер“.

Ние сме демократска редакција, јас само го водам тимот, но во одлучувањето за нашиот „фаворит“, сите ќе бидеме рамноправни. Ова не значи дека нема да известуваме професионално, сосем спротивно – сите ќе добијат еднаков третман – но должни сме нашите ставови да и ги соопштиме на јавноста, затоа што ние работиме единсвено и само за јавениот интерес.

Во моментов се вртат неколку имиња, јас веќе имам фаворит како главен уредник, но, со колегитее од редакцијата се договоривме демократски да гласаме и сите заеднички да напишеме писмо со јавна поддршка за кандидат на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ, конгресот на СДСМ и потоа, откако официјално ќе се дефинираат кандидатите – да го утврдиме нашиот фаворит во кампањата.

Ваквата пракса ја преземаме од големите медиуми од запад, малку е непозната за нашето поднебје, но ете, ќе се потрудиме да бидеме пионери. Во исто време, по втор пат ви ветувам дека овој наш зафат нема воопшто да влијае во професионалноста во известувањето.

Сега, мислам дека е време да ви го пренесам мојот личен став. Од понудените имиња, прво како граѓанин а потоа и како човек кој смета дека работи за јавниот интерес, најмногу се пронаоѓам во ликот на пратеникот Владимир Ѓорчев.

Ѓорчев е човек кој долго време го гледаме на сцената, но и покрај тоа во неговата кариера не може да се пронајде ниту еден скандал. Она што мене особено ме радува, а многумина му замеруваат поради истото, е тоа што тој е еден од ретките политичари во Македонија со јасно изразена про-западна определба.

Неговата определба – за разлика на декларативната љубов со ЕУ и НАТО на владејачкиот картел – има јасно дефинирана конзервативна идеологија позади себе. Влатко не е декларативно за ЕУ и НАТО, тој навистина верува во тоа а богами и има пријатели на запад повеќе од било кој од актуелните министри или пратеници. Поради овие пријателства, кои се базираат на искреност, тој налетува на отворени врати кај многу светски политичари кои се на навистина високи позиции. Ова може да биде од голема полза за нашата држава. Замислете колку подобро би поминале при преговорите за договорот со Грција, доколку нашиот претседател би можел во секој момент телефонски да разговара со потпретседателот на САД, Мајк Пенс?

Навистина треба човек да има цврсти уверувања, за да го истрпи сето она малтретирање по социјалните мрежи, само затоа што го поддржал САД во намерата да се воспостави демократска власт во една држава.  Во овој момент не можам да разберам од каде доаѓа тој порив кај голем дел од „десната“ јавност, но знам дека тоа треба да се смени – затоа што само така Македонија може да биде нормална држава. Со сите други сценарија, ќе завршиме како територија која ќе биде постојано жариште. Токму затоа, Ѓорчев би бил добар претседател.

Влатко е човек кој Македонија може да ја придвижи напред со реал-политика, а не со политички анализи и толкувања на уставот и меѓународното право. Очигледно, до сега ваквите политики кои беа применувани од претседателот Иванов не дадоа полза за државата. Имаме пресуда од Хаг дека сме во право во спорот со Грција, ама на никој за тоа не му е грижа. Токму затоа правото нема да ни помогне, туку само реалната политика. Претседателот во нашата земја има ограничени ингеренции, но сепак, доколку вешто плива во меѓународните води – на државава може да и биде од огромна полза.

Во меѓународни води се плива со реал-политика а не со интелектуално-правни анализи. Токму затоа, сметам дека Ѓорчев е најсоодветен за оваа функција и покрај тоа што има само 40 години.

Во исто време, се работи за човек кој и покрај тоа што имал можност тоа да го прави на далеку поудобно место – одлучил своите четири деца да ги расте во оваа држава. Ова говори многу ако се има предвид колку масовно се напушта нашата земја во изминатите години. Човек без идеали не би направил ваков аскетски избор, особено ако алтернативите му се со далеку повисок животен стандард од оној на Македонија.

За тоа колку е богата неговата кариера и колку преку законодавниот дом влијаел за позитивни промени во Македонија, не мора да ве потсетувам, овде само ги издвоив главните причини поради кои сметам дека би бил одличен претседател. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, него го нарече Тоти во партијата. Ова значи дека веројатно тој добро би прошол кај базата на ВМРО-ДПМНЕ, но веќе подолго време тој е „рајсингстар“ кај албанското гласачко тело, што би можело да значи и добар резултат на изборите. Не сум доволно стручен да анализирам број на гласачи, но од далеку така ми се чини.

На крај, поучен од моите колеги, би почекал да ги видам платформите и ветувањата на сите кандидати од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но и од владејачката СДСМ. Па заедно со редакцијата да премериме кој ќе ни биде фаворит. Во овој момент, со своето држење како кандидат и храбрите потези кои ги има, морам да признаам дека Ѓорчев ми делува како најсоодветен за функцијијата.