Македонија 08. септември 2019. / 10:38

Честит ден на независноста – нема да ме избркате!

Честит ден на независноста – нема да ме избркате!

Денеска во мојата татковина се слави денот на независноста. Точно една година пред да се родам, Република Македонија станала независна и суверена. Тоа секако е повод денеска да имам специјално расположение. На пример да ги преиспитам моите политички ставови, да се реализирам како политичко суштество, да приредам мала гозба дома бидејќи и покрај тоа што е световен празник, празник си е празник и тој има значајна латентна општествена функција да ги интегрира луѓето под едно заедничко, апстрактно симболичко јадро.

пишува: Магдалена СТОЈМАНОВИЌ

Настаните пред овој ден на независноста ми обезбедија можност да извлечам неколку заклучоци, за менталниот склоп на луѓето кои живеат во истата таа независна и суверена Република Македонија (за мене никогаш Северна). Моите сонародници имаат јасни и изразени малограѓански и воајерски пориви да ѕиркаат во туѓи животи. Тоа нивно лудило оди дотаму што се дрзнуваат да преиспитуваат одлуки за животен партнер, се појавуваат некои луѓе што се претставуваат дека ме познаваат и ми памтат студентски изјави од пред многу години, стрини, тетки, баби и роднини до десето колено се „избацуваат“ со нивните оценки за мојот љубовен избор, луѓе знани, а нарочито незнани преиспитуваат кој е мојот мотив да бидам со сегашниот партнер. Се појавуваат некакви новинарки што не сум чула за нив, освен тоа дека биле во жижа на неколку ефтини препукувања со мојот партнер. И тие ми солат памет, што треба да правам, се оптоваруваат да ми направат анализа, да ме погодат во мотивот, да ми ја урнисаат самодовербата. Моите поранешни партнери основале клуб на оставени и заборавени, па и тие од по некој лажен профил со голема доза на гнев истапуваат со коментари. Се јавија и некои додворувачи со јасна фрустрација дека биле одбиени. И тие ете имаа свој коментар. Сите мој до моега, секој имаше по нешто да каже за најприватната работа на светот – избор на партнер.

Јас еве ја користам оваа прилика да им го честитам на сите нив денов на независноста. Оти, имам простор за разлика од нив што своите „2 минути слава“ ги доживуваат преку мене. Нивниот предмет на интерес ќе ме донесе и на насловна страна од „жута штампа“ и секој ден ќе читаат пикантерии за мојот живот, оти не верувам дека нешто друго освен жута штампа и читаат. Нејсе, без разлика на тоа кој што ќе каже и направи, јас за себе имам формални признанија за моите успеси, признанија за два пати прогласуван најдобар студент, најдобар книжар, организатор на промоции во кои работам за најреномирани светски автори, тие што за моите хејтери се мисловна именка. Имам име и презиме, имам своја професија, имам свое и тоа како дебело образование, имам своја плата и имам свој партнер што јас сум го избрала. Се од тоа имам и доволно ми е за три нечии животи. Оти и три пати да се родите повторно, се што ќе успеете да памтите се мои застапувани тези и аргументи на студентски предавања на кои би биле скорз незабележителни ако не сте имале габаритна градба.

Честит ден за независноста, денеска одам во црква, ќе се помолам и за вас. Оти вие сте лицето на Македонија, но и ја сум и други најдобри студенти и други најдобри книжари и други луѓе со свои животи, професии и плати се исто така лицето на Македонија. Нема да дозволам да ме избркате од неа. Секој ден ќе ви бодам очи со моите јавни појавувања, секој ден ќе ги читате моите пишувања, ќе ги слушате моите говори и ќе живеете во мојата сенка. А јас, нема да се оптоварувам со вас. За среќа во мојата држава има правен систем и закон што го казнува она што вие го правите. Секое следно навлегување подлабоко во приватноста и клеветење, ќе заврши со тужба. Доволно се однесувавме кон девијантите како кон нормални луѓе. Сега законот нека го врши своето, а мојата приватна каса нека се полни со пари наплатени од вашата немоќ, злоба и глупавост.

Да живее Република Македонија!