Македонија 08. септември 2019. / 21:02

8 Септември – 28 години потоа, и како понатака?!

8 Септември – 28 години потоа, и како понатака?!

Мојата генерација се родила и живее во независна Македонија. Првата генерација која има своја сопствена држава, за која нашите мајки и татковци, баби и дедовци и нашите претци пред нив на различен начин се избориле, вторите со пушка во 44-та, вторите со глас за независност во 91-та. И од тогаш навака Македонија се соочува со болести на суштествувањето, кои помалку или повеќе сите држави ги имале. Почнувајќи од економската транзиција во 90-тите која уследи веднаш по политичкиот плурализам завршувајќи со периодите на почнување на интеграциите во меѓународните воени и економски организации, се беше донекаде нормално, очекувано и прифатливо.

И народот и државата пливаа во водите на новото време, новиот милениум, кој донесе тектонски поместувања во светот. Крајот на студената војна, глобализацијата, Американската доминација трасирана од Реган и војните на Блискиот Исток, сите настани до еден, сакале ние или не, влијаеја на Македонија, и на тоа што е денес. Благодарение на политичарите во минатото, државата исплови во мирни води и почна да се развива. И се изгледаше извесно, мирно и пресметливо, но се случи Зоран Заев. Криминоген лик, кој во даден временски период се испостави како маша за остварување на стратешките интереси на одредени центри, се согласи, како што кажуваат и пишуваат други премиери пред него на тоа што никој од нив не сакал.

Настаните што следеа во изминативе три години продуцираа толку многу негативни историски настани, што посакувам оваа држава и овој народ побргу да ги заборават. Заев, дали свесно или не, го стави својот народ во потчинета положба на Бугарија, потпиша договор, кој е надвор од сите до сега видени нилатерални договори и кој наместо трговски прашања разгледува и уредува историја и историски моменти, нешто што е апсурд. Историјата е наука на факти и докази, за неа не може да се преговара и договара. Но ете ние и тоа го имаме. Како помала држава пред која се евроатлантските интеграции со овој договор ние на краток рок ќе имаме големи проблеми.

Проблемите кои ги креираше не застанаа тука. Власта го смени името, низ процес кој беше проблематичен и создаде болка кај народот. Излишно е да се пишува на оваа тема, зошто болката и цената која ја платија граѓаните на Македонија е неопислива.

Додека ги туркаше овие процеси на национален егзодус, во позадина ораа криминалците на власта. Рекетарска афера непозната за овие простори со години хара низ Македонија. Нема бизнисмен кој не е изрекетиран, а при тоа како алатка служело СЈО преку Катица Јанева. Се случија монтирани судски процеси и невини луѓе завршија во затвор. Економијата тоне во секој сегмент, а народот, народот како никогаш до сега се иселува. Полни автобуси со народ што ја проколнува власта, судбината и самиот себе, народ без надеж за подобро утре, овде на своја земја.

И со трчање низ настаните еве сме тука. Се согласувате многу крв и солзи има во нашата, македонската епопеја. Од многу народи во светот малку имаат држави. Дали ќе ја сочуваме нашата? Од нас зависи! Дали ќе ја направиме подобро место за живеење? Од нас зависи! Како понатаму? Од нас зависи!

Дали ќе се согласиме да тонеме или ќе застанеме цврсто на нозе!? Во 21 век, каде човечкиот капитал е најскапото нешто кое може да го има било која држава, да покажеме што знаеме и да ја направиме Македонија држава достоинствена за живот. Јас сум убеден дека најдобрите денови за Македонија допрва доаѓаат.

Честит празник Македонија!