Магазин 12. октомври 2019. / 20:35

Победата на Хандке, победа на индивидуата!

Победата на Хандке, победа на индивидуата!

Наградите се тип на општествено признание што го доделуваат луѓе кои здружувајќи се создаваат заедница. Поради тоа наградата секогаш треба да се гледа како комуникациска порака. Од оваа определба не е исклучена ниту нобеловата награда, како највисока награда и признание што се доделуа на уметниците, поточно на книжевниците.

пишува: Магдалена СТОЈМАНОВИЌ

Актуелно е прашањето за оправданоста на нобеловата награда доделена на австрискиот книжевник Питер Хандке. Естетичарите и теоретичарите на уметност неговите наративи ги опишуваат како проширувачки за хоризонтот на естетичкото доживување. Хандке е само еден од авторите кои покажуваат дека естетичкото доживување врз база на кое се создава уметничкото не се конституирани само од доживувањето на убавото, возвишеното и милното. Прв книжевник во историјата на книжевноста и филозофијата кој ја поместува границите на естетичкото доживување и го етаблира во уметноста описот на гадостите (порнографијата) е Маркиз Де Сад.

Хандке се чини дека го собира после долго време легитимитетот на авторите кои на уметноста не гледаат само како на медиум за убавото, возвишеното или милното.

Покрај овие чисто естетички, теориски и критички осврти кои по дефиниција се релевантни, се појави и скандалозно здружување на современите интелектуалци во нивната намера доделувањето на нобеловата награда на Питер Хандке да го прикажат како автодеструктивен чин на ова признание.

Причината за ваквите остри реакции и осуди е тесното пријателство на Хандке со поранешниот претседател на СР Југославија, Слободан Милошевиќ. Покрај тоа, на Хандке му беше забележано и тоа што нападот на НАТО кон Југославија го третираше како неавтентичен и со сомнителни намери напад директно врз суверенитетот на една држава.

Се чини дека целата оваа лакрдија на која сведочи светската публика и онаа што се занимава со уметност, но и онаа што се занимава со политика е инспиративна за донесување на неколку заклучоци:

1. Уметничкото делување на еден автор не се разграничува од неговото општествено или политичко делување. Долго поставувано прашање во филозофијата е дали делото има одредена автономија во однос на авторот. Ако одговорот е потврден, тогаш можеме да говориме за универзално значајни дела. Но, ако одговор е одречен, тогаш, можеме да зборуваме само за значење на дела низ призма на контекст зависност.

2. Апсолутизмот на протагонистите на западот и нео-либерализмот оди дотаму да го забранува и осудува секое мислење кое не само што е спротивно, туку е и различно од нивното.

3. Апсолутистите кои важат за реномирани и признаени интелектуалци, се препознаваат преку употребата на најрадиканите и најнечовечните методи за казнување на „злосторникот“. Историјата на човештвото пак покажала дека најсилната и најефектната казна има чисто морални компоненти и се нарекува екскомуникација. Реакцијата на Салмонд Ружди, Славој Жижек и многу други, покажува дека овие луѓе се подготвени да се залагаат за тотално исклучување на еден неистомисленик од сите сфери на неговото дејствување.

4. Луѓето кои впрочем не се читатели на делата на Хандке се дрзнаа чинот на доделувањето на Нобеловата награда како признание во областа на литературата да го третираат како арена за политичка пресметка. Затоа највознемирени беа луѓето во Косово, секако, и оние кои што не ги прочитале делата на Хандке. Таа хипокризија се разлева во се на што апсолутно и неприкосновено треба да му се гарантира автономија. Како на пример уметноста, науката и религијата.
Ликот на Хандке е можеби проблематичен, еве и би се согласила со тоа дека проблематичен. Но, како да ја оправдаме нерелеватноста на коментарите почнувајќи од народот во Косово до видните и истакнати светски интелеткуалци. Во заложбата да ги погледнеме и намерите на критикуваниот и намерите на критичарите, не наоѓам поголема беневолетност во критиките на критичарите.

Треба да разбереме дека настапувањето со проблематична намера кон оној кој има проблематичен лик, истиот тој го амнестира од одговорност. Се додека луѓето чопоративно напаѓаат поединец тоа се нарекува тиранија на мнозинството и предизвикува природна симпатија кај индивидуалистите кон оној кој е виктимизиран од толпата.