Магазин 01. септември 2019. / 19:48

Пловидба низ македонската колективна несвест

Пловидба низ македонската колективна несвест

Лошо е да се биде несвесен. Прво како народ, колективитет, а потоа и како поединци имаме сериозен проблем со нашата несвесност. Несвесноста дека сме несвесни, не одвлекува и не затвора во традициски стеги, насилни воспитни и вредносни системи кои придонесуваат да си го загубиме индивидуалитетот, персоналноста, за жал често и сопствената среќа и да се помириме со „несреќната судбина“.

пишува: Магдалена СТОЈМАНОВИЌ –

Признанието е единствениот метод што може да ни помогне содржините од нашето несвесно да ги издигнеме и воведеме во нашето свесно. За жал современието не тера признанието да го редуцираме само на општественото признание. Тоа, пак, е причина зошто не признаваме ствари што општеството со свои внатрешни механизми или не ги легитимира или ги осудува и презира. Трката по признанија, пари, награди, благодарници не отуѓува најчесто, најпрво од себе. И после стануваме луѓе за кои цел свет смета дека имаат идеален живот, „живот за пожелети“ додека ние затворени во 4 ѕида кои често не се ни нарекуваат дом, гниеме во сопственото бегство од себе.

Луѓето од мојата средина треба да почнат да си признаваат дека к*р ги боли за мислењето на нивните роднини што едвај знаат како изгледаат. Или да си признаат дека им е многу битно што ќе речат за неговиот / нејзиниот живот сите тетки и чичковци до десето колено.

Луѓе треба да признаат дека ја мрзат комшивката со која секое утро пијат кафе и за неа сметаат дека е очајна трачарка која нема попаметна работа во животот. Или да и признаат на комшивката дека се благодарни што ги троши своите минути за да го сослуша проблемот што го имаат.

Треба да си признаат и дека среќата на своите деца ја мерат преку тоа кој од опкружувањето ќе каже дека се добри и успешни. Или треба да признаат дека среќата ја мерат во тоа што ќе ја почитуваат слободата на своите деца без разлика на „оценката“ од околината.

Луѓе треба да почнаат да признаваат дека им се гади од сопствениот партнер и ја колнат секоја минута во која го запознале. Или да му признаат дека животот без него / неа би бил многу посиромашен и попуст.

Луѓе треба да почнат да признаваат дека се слаби и кукавици. Или да не се срамат да почнат да покажуваат колку се силни и храбри.

Треба да признаат дека светот го водат лидери, а лидерство е последица на харизма и шармантност.

Треба да признаеме дека сите не сме еднакви и дека убавината на една девојка е далеку поголема од убавината на друга и истата таа убавина ја прави „пожелна“ во машките кругови.

Треба да признаеме дека има разлика помеѓу образован филистер, образован и интелигентен човек и неписмена багра.

Треба да признаеме дека постои разлика во менталното стебло на човек што прочитал само две книги во животот и оној што се „убил од читање“.

Треба да признаеме дека најголемите разочарувања во животот сме ги доживеале од луѓето што се претставувале „дека не сакаат најмногу на свет“.

Треба да признаеме дека сме оболена генерација и живееме во неприроден уреден свет од односи.

Полесно е да признаеме на родителите ако пушиме трева.

Полесно е да признаеме дека родителската посесивност е извор на сите наши несреќи.

Треба да признаеме дека сме биле некоректни кон нашите деца бидејќи ни било битно да се „идеални“ затоа што се наши, а не да се свои и изградени личности.

Полесно е да признаеш на партнерот дека си престанал да го сакаш и дека никогаш не си му го простил зборот „овцо“ од кавгата од пред 10 години.

Полесно е да признаеш дека не сакаш да направиш услуга на другар што не си го видел повеќе години.

Полесно е да признаеш дека луѓето кои биле дел од твоите животи веќе ги нема затоа што релацијата не ви била исправна и длабока.

Полесно е да признаеш дека другарите те разочарале со своите постапки и те довеле во непријатна ситуација.

Полесно е да не ствараш фејк пријателства само за да можеш со некој да искочиш на пиво и да избегаш од себе.

Полесно е да признаеш дека колешката на работа ти е иритантна.

Полесно е да признаеш дека го мразиш шефот.

Полесно е да признаеш дека си педер, лезбејка или бисексуалец отколку да живееш во пеколот наречен другите.

Полесно е да одбиеш нечија понуда за средба затоа што не сакаш да го трошиш своето време на него.

Полесно е да ја кажуваш вистината одошто да не ја кажуваш. Бидејќи таа е оружје ако не ја испукаш кон светот на лагите, митовите и фејкерството, ќе си направиш самоубиство. Наместо да ја митизираме реалноста, подобро е да си признаеме, но за признавањето потребна е храброст, а таа е меѓу ретките. Тие што се најобесправени, а сепак само со љубов и вистина ја лекуваат вината на своите џелати.