Хроника 04. ноември 2019. / 21:32

Инфантилни родители и несреќни деца

Инфантилни родители и несреќни деца

При избор за одработка на некоја тема, секогаш предвид ги земам следните две работи: компетентноста и стручноста за темата на која зборувам и можноста темата да ја персонализирам и интимизирам. Во конкретниот случај мојата едукација како социолг, но и мојата позиција на човек кој ќе стане родител ми даваат слобода и оправдување да пишувам на тема – родителство.

пишува: Магдалена СТОЈМАНОВИЌ

Главниот повод за избор на темата беше денешен разговор со моја другарка, со која после многу разговори во кои индиректно си посочувавме за приватни проблеми и теми за кои од секогаш не учеле мудро да молчиме, разговаравме како две индивидуи кои благодарение на својата отвореност и искреност извлекоа многу заклучоци и расветлија многу работи врз база на искуства. По разговорот кој веќе ми го наостри фокусот кон темата сретнав жена која го давеше своето дете бидејќи не реагираше на нејзиниот повик да застане на паркинг дури поминуваа коли. Од двете ситуации го заклучив следното:

Односите во семејството се секогаш тајна за другите луѓе. Сето она што се случува зад затворена врата во домот, особено ако е проблем или потешкотија, е нешто за што треба да се молчи. Нашите родители уште од најмали нозе не учат дека сите околу ни се непријатели, а само тие ни мислат најдобро. Со самото тоа, родителите веќе си создаваат безбедна зона во која може вербално, психички и физички да ги малтретираат своите деца, без при тоа децата да имаат можност да проговорат некаде за траумите кои нивните родители им ги нанесуваат.

Во исто време, кај децата се создава слика дека доколку не се вредни да бидат ценети и сакани од своите родители тогаш не би биле ценети и сакани и од другите луѓе. Детето смета дека односот на другите луѓе кон него во најголема мера зависи од односот на родителите кон него.

Од една страна децата се уплашени да кажат за сите трауми кои ги проживуваат некому бидејќи им е страв дека ќе доживеат уште поголема траума, понижување и омаловажување. Од друга страна толкава мера на понижување што родителите им ја приредиле (нарекувајќи ги со погрдни имиња, тегнејќи ги за коса, удирајќи им шамар или клоца) создава потешкотија кај детето воошто да зборува за омаловажувањето.

На некој начин детето се срами од постапките на своите родители и сака да ги сокрие, како неговите родители не би биле мета на критика или осуда. Посесивните родители, не го третираат детето како засебен ентитет, туку како нивна сопственост. Од такви посесивни родители, денешната генерација не може да се осамостои ниту на 30 години и да почне да гради свое семејство.

Посесивните родители, возрасни луѓе од 30, па и повеќе години ги третираат како неспособни, мали деца на кои им треба грижа. Така не ги оставаат да се осамостојат и да почнат да градат сопствени семејства кои мора да се етаблираат на љубовта и односот помеѓу две возрасни и свесни единки.

Ниту една зрела личност не сака додека седи на состанок со својот партнер да слуша како тој реферира на своите родители што јадел за ручек. А доколку такви разговори ни се нормални тогаш и ние сме инфантилни суштества чија недефинирана врска брзо ќе се распадне со фатални последици (разводите се типичен пример). Многу од родителите смислата на својот живот ја наоѓаат во своите деца. Ми се допаѓа таа идилична приказна, но таа е многу опасна позиција. Прво бидејќи родителите никогаш не воделе свој живот, немале свое образование, свои кариери, свои хобија, свои интереси и на крај такви нереализирани луѓе стануваат родители.

Родители без подготовка, кои мислат дека родителството се состои само од тоа децата да ви бидат сити. Родители кои никогаш не посветили внимание за правилен развој кај децата, не им читале приказни, не внимавале на своите зборови, на своето однесување, на музиката што ја пуштаат, никогаш со своите деца не исчитале книга и неизгледале филм. Такви родители својата неспособност и неумешност за родителството ја претвораат во агресија, гнев и немоќ истурени врз детето. На моменти немоќниот родител во своето дете ги гледа сите негативни последици од својата непромислена одлука, да одлучи тоа да се роди без негова согласност и тоа без никаква подготовка. Имам впечаток дека родителството не се преипитува често, родителите со позицијата – децата се смисла на мојот живот, секогаш може безбедно да се втуркаат во позиции на жртви од неблагодарни деца, во моменти кога за нивната недобро обавена родителска улога ќе примат критика. Родителите уценуваат со емоции, ги прават децата слаби, ги затвараат и ги замолчуваат бидејќи немаат интерес, знаење и време да се занимаваат со нивните зборови, со нивните креации, па и со нивните проблеми.

Денешните семејства во Македонија остануваат верни на традицијата. Од една страна имате родители кои не знаат и не сакаат да се помачат и да научат дидактички методи за воспитување на децата, па ги воспитуваат со старите добри методи – телесна казна која често преминува во чисто физичко насилство и образованието и политичкиот систем изграден на индивидуални слободи во кои живеат.

Мрзливите и некадарните родители од една страна вршат насилство над децата, од друга страна децата читаат и се образоваат за лошите последици од насилството, учат дека во слободно општество имаат простор да ја изразуваат својата индивидуалност и дека поради тоа никој, вклучително и родителите нема право да врши насилство над нив. Во тој конфликт на стојалишта, обично секогаш победува образованието бидејќи се заснова на искуства и на здрав разум.

Традицијата секогаш ја губи битката кога настапува здравиот разум и образованието. Затоа во ова општество или живеат слободни, независни и свесни индивидуи кои не се добри ќерки или синови, браќа или сестри, но се и тоа како добри партнери и родители. Или, пак живеат луѓе кои се добри синови и ќерки, браќа и сестри, но се очајни родители и очајни партнери. Мајката не треба да се смее на вицовите на вашиот татко само кога имате гости, а насамо да искажува гадење и очај од својот погрешен избор. Подобро е да немате гости, но мајка ви и татко ви секогаш да се смеат на шегите што ги кажуваат еден на друг, бидејќи тие се вашето природно опкружување, а не вашите гости што ќе бидат тука само неколку саати за ручек. Сепак, ако треба да се избере еден од патиштата нека биде тој да бидете добри родители за вашите деца, бидејќи имате одговорност само кон суштеството за чиј живот сте донеле одлука. Не им должите ништо на родителите, тие сами одлучиле да ве создадат.

Од големо значење е да се спроведува слоганот – Приватното е јавно, освен во случај кога доброволно двајца луѓе се заветуваат на молчење и интима. Од големо значење е да се говори јавно за сите проблеми и тегобности, да се признаваат грешки и да се учи од нив. Ние не сме тие што треба да ги осудуваме родителите за нивните постапки, но и тоа како можеме да ги наведеме како погрешен пример кој не треба да се следи, од никој. Родителството не е играчка, не е само процес на зачнување, раѓање и хранење. Тоа е сериозен позив, што ако не сте подготвени, подобро и да не одговорите на позивот.

ДОСТА НИ Е ОД ГЕНЕРАЦИЈА НА ИНФАНТИЛНИ РОДИТЕЛИ И НЕСРЕЌНИ ДЕЦА!